Фондацијата основана во Јануари 2008, која го носи името на Тоше Проески е формирана со цел чување на споменот на благородниот лик и дело на Тоше Проески, но и продолжување на неговата дејност на полето на музиката и хуманоста.
Фондацијата е невладина непрофитабилна организација, со седиште во Крушево, а со план за меѓународна присутност низ активности на просторите на Балканот, во македонската дијаспора и пошироко. Како правен субјект, Фондацијата ги реализира своите активности врз основа на утврдена програма за работа, која ја донесува и реализира Управен Одбор сочинет од единаесет членови, меѓу кои се најблиските од семејството на Тоше, како еминентни имиња од македонската култура, образование и медиумска сцена. Фондацијата е горда што од основањето во своите редови ги има г.ѓа Елизабета Канчевска-Милеска, г.динот Таки Фити, г.динот Ерол Ризаов и други. Покрај Управниот одбор назначен е и Надзорен одбор, како и комисии за работа на поединечните полиња согласно целите и задачите на Фондацијата. Претседател на Фондацијата е г.дин Никола Проески, додека Извршен директор е г.динот Андреј Николоски.
Дел од програмските задачи на Меѓународната Фондација Тоше Проески се:
- Промоција на ликот и животното дело - музиката и хуманитарната дејност на Тоше Проески
- Продолжување на неговото дело и оставен аманет - да се помага
- Одржување хуманитарни концерти, во чест на Тоше, за продолжување на неговото
хуманитарно дело, со цел собирање фондови за:
- - хуманитарни дејности;
- - помош на приоритетни ранливи групи;
- - промоција на позитивен имиџ кај младите;
- - борба против пороците;
- - поттикнување на позитивна и корисна определба кај младите при изборот на слободни активности;
- Стипендирање музички таленти;
- Остварување блиски контакти и соработка со фановите на Тоше Проески;
- Понатамошна промоција на музиката на Тоше Проески;
- Промоција на македонската музичка култура низ различни видови активности во нашата земја, но и надвор од границите, во соработка со амбасадите и конзуларните претставништва на Македонија ширум светот, како и во соработка со други институции и организации;
- Реализација на активности и кампањи за промоција на здрави животни стилови кај младите;
- Инволвирање на Фондацијата во Европски и Светски програми за развој на мирот, музичката култура, волонтеризмот и неформалната едукација;
- Инволвирање на Фондацијата во Европски и Светски програми за развој на мирот, музичката култура, волонтеризмот и неформалната едукација;
Од своето основање, за неполна година, работата на Фондацијата која ја продолжува хуманата мисија на Тоше Проески, го оправдува името кое го носи - името со големо срце.
Тоше го носеше Бога во себе, а силната верба ја преточуваше низ своите хумани дела, низ својата музика, низ своите зборови. Фондацијата во чест на таа љубов, продолжува да дејствува во духот на вербата во Бога и следење на двете најголеми Христијански заповеди - да се љуби Бог и да се љубат луѓето.
За само неколку месеци, Фондацијата со своите активности е присутна низ речиси цела Македонија, секаде каде се децата, со цел да им донесе радост, да им ја ублажи болката, да им го збогати секјдневието, но и да го осовремени просторот каде тие престојуваат, каде се лекуваат, каде живеат. Децата сеуште го имаат Тоше за свој најдобар пријател, а Фондацијата тоа го негува и во тоа име помага и на медицински установи каде е во прашање животот и здравјето на децата. Така, медицински апарати, помагала, играчки и други потребни производи, донирани се во Мајчин дом Битола, каде се сместени бебиња и мали деца до возраст од 3 години, без родители, во Клиниката за детски болести во Скопје, каде се лекуваат дечиња од различни вери и националности, потоа во Болницата за ортопедија и трауматологија - Свети Еразмо во Охрид, како и на бројни градинки низ Македонија.
Воедно, покрај несебичната поддршка и парична помош на физички лица за неопходни операции и лекување, таму каде во прашање е најскапоценото што го имаме - животот, Фондацијата помогна и на социјално загрозени лица и семејства, со директни донации во прехрамбени продукти и производи за хигиена.
Во име на зачувување и негување на традицијата, Фондацијата учествува со донации за доизградба на Храмот Св.Ѓорѓија во с.Острилци, како и за доизградба на Храмот Св.Василиј - Крушево.
Под покровителство на Владата на Република Македонија, со поддршка на Министерството за култура, во директна соработка меѓу Министерството и Фондацијата, се започна со изградба на Музеј/Спомен Куќа на Тоше Проески во Крушево - со цел зачувување на неговото целовкупно животно музичко и хуманитарно дело, како и изградба на вечно почивалиште достапно за сите поклоници на Тоше, за сета македонска и светска јавност.
Меѓународната Фондација Тоше Проески ќе продолжи да ги реализира своите активности во име на возвишената цел за нејзиното постоење - чување и продолжување на делото на Тоше Проески, како и негова промоција во прилог на доброто на младите генерации и во прилог на културата на Република Македонија.
Ако делата говорат за постоењето, продолжувањето на делата на Тоше Проески значи и продолжување на неговото постоење.
Концертот кој ќе се одржи на 5ти Октомври, на Градскиот стадион во Скопје, (точно една година по хуманитарниот концерт одржан на истото место) е исполнето минатогодишно ветување на Тоше кон својата публика, но и потврда за продолжување на постоењето на музичката и хумана дејност на АНГЕЛОТ СО ГОЛЕМО СРЦЕ.
Со почит,
Меѓународна Фондација "ТОШЕ ПРОЕСКИ"


