5ти Октомври 2007 - распеани, незапаметено полни трибини на Градскиот стадион во Скопје, огромна енергија, споделена љубов, очи вперени кон нашиот ангел со големо срце...раце со запалки, високо занишани за на ангелот да му направат ѕвездено небо...ОД НЕГО изречена желба - Да ве видам в година тука во уште поголем број.. ВЕ САКАМ СИТЕ!!!
5ти Октомври 2008 - посиромашни со се што со него загубивме, побогати за сознание за се што со него имавме, ќе бидеме на трибините на Градскиот стадион, затоа што сакаме да живее музиката, сакаме да живее хуманоста и вербата во добрите луѓе, затоа што сакаме да живее љубовта наша кон него и неговата кон нас... затоа што сакаме да му одговориме... ТЕ САКАМЕ СИТЕ!!!!
На 5ти Октомрви 2008 година, со почеток од 19:30 часот, на Градскиот стадион во Скопје, ќе се одржи голем меѓународен концерт под име ТЕ САКАМЕ СИТЕ, а посветен на Тоше Проески.
Концертот е во организација на Меѓународната Фондација Тоше Проески, под покровителство на Влада на Република Македонија и Министерство за култура на Република Македонија.
Овој меѓународен хуманитарен концерт со белег на традиционалност го задржува датумот на одржување на минатогодишниот концерт на Тоше, кој се одржа на истото место и истиот датум - 5ти Октомври 2007 година. Со задржување на датумот и хуманата цел, пораката на организаторот е дека продолжува да живее делото на Тоше како во музиката, така и во полето на хуманоста.
Меѓународниот карактер е неделив од музиката на Тоше, која се изведуваше во различни земји и во директна соработка со познати имиња од тамошните музички сцени. Меѓународниот карактер се пренесува и на овој настан на кој покрај реномирани македонски уметници, учество ќе земат и странски музички имиња - пријатели на Тоше и тоа од сите земји од просторите на Поранешна Југославија, како и од Украина. Воедно, за пренесување на овој настан веќе се заинтересирани голем број на странски медиуми, што уште повеќе го потврдува меѓународното значење на настанот.
Хуманитарната мисија на концертот има меѓународна димензија. Имено, телевизиите кои ќе го превземат емитувањето ќе имаат можност да организираат донаторска активност во својата земја за цели кои самите ќе ги одредат, а во консултации / соработка со претставници на Меѓународната Фондација Тоше Проески.
Концертот ТЕ САКАМЕ СИТЕ, е всушност подарок за граѓаните на светот. Предвидено е концертот да биде емитуван и преку сателитски сигнал со цел, сите заинтересирани а не само членовите на ЕБУ мрежата, истиот да го превземат и емитуваат. Веруваме дека сите кои ќе го гледаат концертот ќе бидат мотивирани на хуманост, мотивирани да донираат за одредена хумана цел во својата земја.
За Македонија, фондот за хуманитарната цел на концертот ќе го сочинуваат средствата од влезниците, како и донациите реализирани преку донаторските телефонски линии и тоа од Македонски Телеком, Т-Мобиле, Космофон и Вип операторите. Граѓаните кои ќе сакаат да дадат свој допринес кон реализација на хуманитарната акција ќе може да донираат 100 денари преку јавување на телефонскиот број 143 100, со или без префикс на матичниот оператор. Хуманата цел за Македонија, во зависност од вкупниот собран фонд на донации ќе биде одлучена по настанот, и истата ќе биде транспарентно објавена од страна на комисијата сочинета од претставници на Меѓународната Фондација Тоше Проески и Министерството за култура на Република Македонија, во име на продолжување на хуманите начела на Тоше.
Концертот под име ТЕ САКАМЕ СИТЕ ќе собере на едно место 25 пеачки имиња - пријатели на Тоше кои ќе исполнуваат негови нумери, или нумери кои на Тоше му биле посебно драги, а ги исполнувале заедно. Пеачите ќе бидат придружувани од оркестарот на Македонската опера и балет под диригенство на Саша Николовски - Ѓумар и бендот на Тоше. Водители на настанот се Ели Танаскова, Игор Џамбазов и Тони Михајловски. Директниот пренос на концертот ќе биде реализиран од страна на Македонската радио телевизија, кој е Генерален медиумски покровител на овој настан.
Билетите се во продажба oд 25ти Септември, во специјализираните музички продавници и во продажните салони на Космофон, Германос и Импулс, по цена од 200,оо денари. VIP влезниците, кои се во ограничена количина, се по цена од 1000,оо денари.


