СПЕКТАКУЛАРЕН МЕЃУНАРОДЕН КОНЦЕРТ ЗА ТОШЕ
"ТЕ САКАМЕ СИТЕ"
5ти Октомври, 2008, 19,30 Градски Стадион - Скопје
Почитувани,
Благодарејќи на досегашната голема поддршка на меѓународниот хуманитарен концерт за Тоше, ви ги доставуваме следните дополнителни информации:
Настапот на сите до сега најавени имиња на пеjачи
• Калиопи,
• Симон Трпчески,
• Синтезис,
• Наум Петрески,
• Адријан Гаџа,
• Леонтина,
• Биља Крстич,
• Бојан Маровиќ,
• Владо Георгиев,
• Жељко Самарџиќ,
• Гоца Тржан,
• Тони Цетински,
• Аки Рахимовски,
• Маја Татиќ,
• Виталиј Козловски,
и други пријатели на Тоше од сите земји од просторите на Поранешна Југославија и Украина е потврден, со исклучок на Тифа, кој како што рече нема да може да ни се придружи од емотивни причини, како и Ања Рупел која искажа длабоко жалење и се извини што не може да биде дел од концертот поради закажано снимање. Од друга страна, дополнително учество најави Игор Дурловски кој успеа да ги одложи своите обврски. Игор ќе ја пее – Го лажам секој твој рефрен.
Најавената техничка опрема која ќе ја зголеми спектакураноста на настанот е веќе во Скопје од 2ри Октомври, од кога се работи на нејзино поставување на Градскиот стадион. Сцената е со големина 17 на 12 метри и се користела на белградска евровизија, како и озвучувањето и осветлувањето од Led екраните, со кои ќе се постигне висока резолуција на сликата, а по прв пат се во Македонија. Во организацијата на овој спектакуларен настан се ангажирани над 200 лица, не вклучувајќи ги притоа и уметниците. Комплетната техника е обезбедена од страна на истите фирми со кои соработувале Тоше и неговиот менаџерски тим, а кои учествуваат и со лична поддршка во прилог на успешната реализација на настанот.
Интересот за билетите (по цена од 200 денари) e oгромен, во продажните места постојано се носат дополнителни количини. Воедно има голем интерес и за VIP билетите кои се по цена од 1000 денари, а се набавуваат од страна на компании и институции со директна уплата на хуманитарен фонд на сметка на Меѓународната Фондација Тоше Проески, Крушево. За пофалба се и компаниите кои хуманитарните влезници ги донираат на деца со посебни потреби, како и домови за деца без родители. За ТВ и радио пренос до сега до МРТВ, која е медиумски покровител и продуцент на концертот, барање за добивање на техничките координати на сателитот побарале 17 медиуми од Хрватска, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Република Српска, Бугарија Романија и Кипар. Интересно е што по испраќањето на понудата за преземање на пренос од концерот од страна на МРТВ до сите членки на ЕБУ, во рок од 15 минути, прва се јавила Кипарската национална телевизија. Инаку на медиумите кои го преземаат преносот им е напоменато дека не смеат да емитуваат реклами за неговото време траење и дека им е дозволен само пренос на 5ти октомври и една одложена снимка, најдоцна до 6ти ноември 2008.
Хуманитарната мисија во своите земји, преку отворање донаторски броеви за време на концертот, ја преземаат повеќе медиуми, како хрватската СМС (Croatia Music Channel), босанската ТВ Хајат, Црногорската МБЦ, Српските Пинк и Свет плус и Бугарската Балканика. Од Босанското радио Зенит, веќе најавиле дека средствата собрани преку бројот за донации ќе ги донираат на Меѓународната Фондација Тоше Проески.
За Македонија, фондот за хуманитарната цел на концертот ќе го сочинуваат средствата од влезниците, како и донациите преку отворените броеви од Македонски Телеком, Т-Мобиле, Космофон и VIP на бројот 143 100 – преку кој граѓаните ќе можат да донираат по 100 денари. Хуманата цел, за Македонија, во зависност од вкупниот собран фонд ќе биде одлучена по настанот, од страна на комисијата сочинета од претставници на Меѓународната Фондација Тоше Проески и Министерството за Култура на Република Македонија, во име на продолжување на хуманите дела на Тоше.
Концертот е во организација на Меѓународната Фондација Тоше Проески, под покровителство на Влада на Република Македонија и Министерство за Култура на Република Македонија.
Организаторите веруваат дека со ова ќе се постигне нивото достоинствено за продолжување на делото на Тоше, како во музиката, така и во хуманоста и тоа во меѓународни рамки.


